Обвинение за обид за изнуда и загрозување на сигурноста на градоначалникот на Неготино

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Основното јавно обвинителство Кавадарци обезбеди докази и поднесе обвинение против едно лице осомничено за кривични дела – Изнуда од член 258 став 1 во врска со член 19 (во обид), како и Загрозување на сигурноста од член 144 став 4 во врска со став 2 и став 1 од Кривичниот законик.

Со намера за себе да прибави противправна имотна корист, обвинетиот на 2 септември упатил сериозна закана дека ќе нападне по животот и телото на оштетениот – градоначалник на Општина Неготино и неговото семејство, обидувајќи се да му изнуди сума од 3.000 евра. Оштетениот не постапил по барањето и случајот го пријавил во полиција.

Во периодот од 04.09-18.09, обвинетиот испраќал заканувачки пораки до градоначалникот со намера да го вознемири и заплаши, а дел од пораките ги адресирал и до официјалната адреса на општината, до адреси во МВР и до новинари. Со тоа кај оштетениот предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв и за сопствената, но и за безбедноста на неговото семејство и за безбедноста на граѓаните на Неготино.

Надлежниот јавен обвинител со обвинението побара продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетиот, за кој постои реален ризик од бегство, бидејќи дел од неговото семејство живее во странство. Исто така, постојат околности кои укажуваат на опасноста тој да го повторува делото, па дури и да ги реализира заканите и изнудата. Јавниот обвинител го имаше предвид и фактот дека истото лице веќе е осудено за кривични дела присилба и демнење на градоначалникот за кои му е изречена условна осуда и која обвинителството ќе побара да биде отповикана, бидејќи се уште не е поминат периодот на проверка, а обвинетиот врши нови кривични дела.