Со длабоки емоции и тврдење дека ќе зборува „тивко, но вистинито“, пред судскиот совет се обрати обвинетиот Николчо Гоцев, градежен инспектор во Општина Кочани. Тој се претстави не како криминалец, туку како човек кој таа ноќ помагал до доцна, а подоцна станал „жртва на системска слабост“.
Во своја одбрана, Гоцев, кој е онколошки пациент, тврди дека законски му се врзани рацете. „Градежниот инспектор не контролира внатрешен ентериер, ниту мерки за заштита од пожар. Законот за инспекциски надзор не дозволува да се влезе во објект без писмен налог или пријава. Инспектор кој нема налог, ако влезе, ќе одговара кривично,“ се бранеше Гоцев.
Тој додаде дека дискотеката почнала да работи 7 години пред неговото вработување и го праша Обвинителството, кое изјавило дека по трагедијата направени биле контроли на други дискотеки: „Ако стотици објекти не ги исполнуваат условите, дали тоа значи дека стотици градоначалници и инспектори треба да бидат обвинети?“
Гоцев откри и дека поднел кривична пријава за друг објект со сериозен ризик во Кочани, но таа била одбиена од истите органи кои сега го гонат него.
