Обвинителството чека екстрадиција на Палчо – новиот државен обвинител: Не познавам ниту еден функционер

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во своето прво телевизиско појавување, новиот државен функционер како и многумина досега рече дека не познава ниту еден функционер.

„Прво да ви кажам дека, можеби јавноста нема да верува меѓутоа верувајте дека е така. Прво јас лично буквално не знам ниту еден функционер. Ниту еден функционер не знам. Значи во тој дел сум, ослободен од секакво евентуално влијание од страна на функционерите дали од од власта или опозицијата или ако утре се смени власта така што во тој дел немам никакво проблем“, рече државниот обвинител Љупчо Коцевски.

Не одговори конкретно на прашањето, дали и тој ќе ја носи сенката како неговите претходници, односно да гони само поранешни функционери, оти актуелните го донеле на функција, но најави фомирање на независен механизам за пријавување на евентуалните влијанија и притисоци.
Државниот обвинител вели дека во обвинителската кариера истражувал многу злосторства, но како убиството на Вања Ѓорчевска немал видено.

„Обезбедени се доказите и имаше и обдукција се тоа оди во корист на фактичката состојба што обвинителството ја утврдува. Чекаме екстрадиција во однос на лицето кое го споменавте Палчо. Јас мислам дека ќе биде брзо екстрадиран од Република Турција, така што се надевам на побрз исход на тој предмет.“, изјави Коцевски.

Во однос на документацијата на поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО) и објектот каде што беше сместено, Коцевски рече дека ставил потпис за раскинување на договорот за закуп на зградата. Просторот изминатиов период го користеле само двајца обвинители кои беа дел од СЈО. Тој додаде дека сите материјали за случаите кои ги работело СЈО се префрлени во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Префрлени се и материјалите од прислушуваните разговори кои беа поводот за формирањето на тогашното СЈО.