Од досиeто за смртта на Ведат Адеми, до кое дојде „Инсајд 21“, се открива дека тој имал камења во жолчката. Ведат се вратил од Германија во Куманово на лекување, а потоа бил опериран. Според документацијата, на 16 март побарал Итна помош, каде што го примил дежурниот доктор Асим Адеми и му дал инфузија без аналгин. Д-р Адеми потоа се консултирал со хирургот Зоран Ѓеорѓиевски за понатамошниот третман во дневната болница.
„Д-р Зоран Ѓеорѓиевски, без претходна информација дека пациентот е алергичен на аналгетици, дал инструкции да се додаде ампула АНАЛГИН на втората инфузија како засилување на терапијата за болката. Тоа се докажува во дописот за примање на терапијата. Пред примена на водената терапија, одговорните медицински сестри НЕ го прашале пациентот дополнително за евентуални алергиски реакции на одредени лекови, а здравствената книшка НЕ била ни проверена“, вели Извештајот.
Oбвинителството веќе ги сослуша сите клучни сведоци поврзани со случајот. Се анализира целата здравствена документација на Ведат Адеми – од терапијата што првично му ја препишал матичниот лекар Реџаи Далипи, преку интернистичките контроли и ЕКГ, па сè до лекарите во Германија, каде што привремено работел и првпат ја почувствувал болката.
Многу пропусти констатирала Специјалната комисија составена од 5 специјалисти од универзитетските клиники.
„По започнувањето на процесот на кардиопулмонална реанимација повикани се и одговорниот анестезиолог и интернист, а комисијата утврдила дека нема извештај за ЕКГ од дефибрилаторот. Недостига автоматска механичка вентилациска опрема низ целата болница, како резултат на тоа, пациентот бил интубиран и вентилиран со амбулантски БАЛОН поврзан на резервоар за кислород, но во случај на продолжување на реанимацијата, ќе било неопходно да се приклучи на респиратор“, се вели од Специјалната комисија на МЗ.
Од кумановското обвинителство за „Инсајд21“ потврдуваат дека сè уште го чекаат обдукцискиот извештај од Судска медицина. Во меѓувреме, се анализира и целото медицинско досие на Ведат Адеми, за да се утврди неговата здравствена состојба низ годините. Главната обвинителка Теута Рамадани ексклузивно за „Инсајд21“ изјави дека обдукцискиот извештај е клучен за натамошната постапка. Откако ќе пристигне, ќе бидат преземени соодветни мерки против осомничените, рече таа.
„Кога има смртни последици постапуваме по кривично дело: Тешко дело против здравјето на луѓето, по член 217 од Кривичниот законик кој предвидува казна затвор до 10 години. Сепак, причината за смртта ќе се утврдува врз основа на обдукцијата, која е клучна за истрагата дали ќе биде поднесена кривична пријава“, вели Теута Рамадани.
Извештајот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат открива сериозни пропусти. Анафилактичниот шок, според инспекцијата, можел да не биде фатален доколку болницата имала навремена интервенција, со соодветна опрема и подготвен персонал.
Во извештајот од хирургот д-р Зоран Ѓеорѓиевски, не е наведена медицинската историја на пациентот. А според документацијата, на 17 март во 10:30 часот, Ведат Адеми примил и две ампули аналгин – лек што, внесен во крвотокот, довел до стеснување на респираторните ткива и предизвикал анафилактична реакција.