Обвинителството со предистрага по сомнежи за шпионажа во Кабинетот на Сиљановска-Давкова

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција веќе неколку месеци води предистрага за можни незаконски активности во Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, поврзани со сомнежи за извлекување и енкриптирање доверливи податоци, објави Слободен печат.

Според информациите, до Обвинителството и до редакцијата била доставена анонимна кривична пријава од „група вработени во МВР“, во која се тврди дека од компјутерскиот систем во Кабинетот биле копирани и шифрирани доверливи податоци, со сомнеж дека можеле да завршат кај странски разузнавачки служби.

Од Обвинителството за „Слободен печат“ потврдиле дека предистрагата е отворена уште во декември минатата година, по известување од Секторот за компјутерски криминал при МВР. „Издадени се наредби за анализа на компјутерска опрема, мобилни телефони и електронски податоци, но сè уште нема конечен извештај“, велат од Обвинителството.

Дополнителен сомнеж, според медиумот, предизвикува и тоа што сè уште не се обезбедени снимките од безбедносните камери во Кабинетот на претседателката. Од МВР потврдиле дека е одземена компјутерска опрема и мобилни телефони и дека анализата на електронските докази е во тек.

Извор: Слободен печат