Вратите на кафулињата и рестораните од денеска ќе бидат затворени од 23 часот. Ова е една од новите мерки кои се на сила, откако вчера Владата ги усвои по препорака Комисијата за заразни болести, а истата нема да важи само за оние кои ќе вршат достава.
„Владата ги разгледа и прифати препораките на Комисијата за заразни болести да се ограничи работно време на сите угостителски објекти до 23:00 часот, освен оние што вршат испорака, како и да се ограничи капацитетот на патници во возилата на јавниот превоз на 50% од вкупниот број на патници предвидени во едно возило“, посочи Душко Арсовски.
Додека не се усвојат законските измени, за оние кои ќе ги прекрат овие мерки ќе има кривични пријави. Со измените на законот за заштита на населението од заразни болести кои се во собраниска процедура ќе може да се затвораат угостителските објекти и да се пишуваат парични казни.
„Затоа се носат построгите мерки со кои ќе можеме веднаш да ги затвораме објектите до 30 дена и да изрекувама парична казна на лице место со платни налози. И овие денови додека Собранието не ги донесе новите законски решенија по кои веднаш ќе пристапуваме кон празнење на угостителските објекти и кон нивно затоврање, ние постапуваме согласно досегашната практика, односно поднесување кривична пријава по член 205 и 206 за нарушување на протоколите“, вели Стојко Пауновски.
Во меѓувреме министерот за здравство Венко Филипче упати апел до пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да покажат одговорност и итно да гласаaт за мерките за заштита од вирусот.
„Мерките за заштита од Ковид-19 кои се во Собранието мора итно да се донесат. Пратениците да покажат одговорност и што поскоро едногласно да се изгласаат двата пакети на мерки за заштита на населението и спречување на понатамошно ширење на вирусот. Барам сите сложно да испратиме порака на единство околу важноста за почитување на мерките“, посочи Венко Филипче.
Владата на вчерашната седница ја прифати и препораката целата државна и јавна администрација, општините и судовите, согласно принципот на работа и работниот процес, организирањето на работата да се одвива во смени или онлајн од дома или, пак редуцирано со систем на ротации зависно од карактеристиките на работниот процес на институциите. Како мерка која стапува на сила е и автобусите да возат со 50 отсто од капацитетот.
