Од понеделник 70% помалку автобуси, без решение приватните превозници најавуваат прекин

НАЈНОВИ ВЕСТИ

До понеделник, 6 октомври, доколку не им биде исплатен долгот на приватните превозници од страна на Град Скопје, автобуските линии што ги покриваат овие компании ќе бидат намалени за 70%. Приватните превозници „Јофи Бус“, „Вестор Транс“ и „Радос Компани“ побараа целосна исплата на долгот од 170 милиони денари, од кои досега им се исплатени само 90 милиони. Превозот ќе се одвива само во првата смена – од 5 до 10 часот, соопшти еден од претставниците.

„Во јуни долгот изнесуваше 45 милиони денари, сега е 70 милиони за мојот дел. Тоа е вистина! Јас не сум човек што лаже или манипулира – кажувам факти. Потврдено е, официјално ви кажувам дека ми должите 35 милиони само за мојот пакет. Платете веднаш за да можам да ги исплатам луѓето и нема да има проблем.“, вели Јовица Зафировски, соптвеник на „Јофи Бус“.

На прес-конференцијата се појави и директорот на ЈСП-Скопје, Драги Кушовски, кој им порача на приватните превозници дека ситуацијата во претпријатието е добро позната и дека исплатите се вршат според финансиските можности.

„Не сте коректни, правите политика овде во јавното претпријатие! Кажи ми зошто од март ни должиш пари – не зборуваме за октомври! Оттогаш го влечеш тој долг. Откога сум дојден јас, долгот ви се намалува. Ајде, остави го тоа! Имам документи, ќе ти покажам.“, рече Кушовски.

Приватните превозници реагираа на ова, тврдејќи дека долгот бил многу поголем и дека исплатите се минимални. Двете страни бараа да се изнесат конкретни податоци, но дискусијата остана без епилог. Превозниците потврдија дека е исплатен само мал дел од долгот – вчера им биле исплатени по 300 илјади денари, а пред пет недели по 10 милиони денари по компанија за долгот од март. Тие го информираа директорот дека не можат да ги подмират обврските кон бензинските станици и дека извршителите веќе се известени.