Директорот на ЈП Државни патишта Ејуп Рустеми пред неколку дена најави дека оваа година ќе започне изградбата на Коридорот 8, а до крајот на 2025 ќе имаме автопат до граничниот премин Ќафасан.
Тој порача дека сега се отвора патот за Владата да формира комитет кој треба да започне преговори со компанијата Бехтел и Енка за да има договор за почеток на работата на овие делници и со законот кој помина во Собранието на Македонија.
„Врз основа на овој закон се предвидува да се комплетира коридорот 8 почнувајќи од Тетово до Гостивар, бидејќи сегашниот автопат Тетово –Гостивар не ги исполнува условите според европските стандарди“, истакна Рустеми за ТВ21.
Рустеми одби да даде проценки за вредноста на проектот, но, како што нагласи, во секој момент граѓаните ќе бидат информирани транспарентно.
„Ние зборуваме за изградба на автопат на највисоко ниво, по европски стандарди а кога ги имаме предвид европските автопати кои дозволуваат брзина и до 130 км/ч и возејќи со таква брзина, а имајќи ја предвид и безбедноста на учесниците во сообраќајот, јас верувам дека многу брзо граѓаните ќе стигнуваат од Скопје до Охрид“, вели тој.
