Традицијата на пукање со огнено оружје на семејни веселби никако да исчезне!
На социјалните мрежи секојдневно се појавуваат пријави од граѓани за пронајдени куршуми во дворови и покриви!
Во најлошите случаи, славењето се претвора во трагедија.
Иако употребата на оружје е строго забранета, особено на места полни со луѓе, само во последните седум месеци, според податоците на Министерството за внатрешни работи, регистрирани се десетици случаи, најмногу во јули. Портпаролот Гоце Андреев го објаснува последниот случај на апсење поради вакво дело.
„Вчера во селото Рашче, скопско, полициски службеници од полициската станица Ѓорче Петров ги лишиле од слобода Е.К. и Б.К. од село Рашче околу 22 часот. Во Секторот за внатрешни работи Скопје било пријавено дека се слушаат истрели во селото, по што веднаш биле преземени соодветни мерки и активности, и било утврдено дека Е.К. и Б.К. со гасни пиштоли пукале на свадба. Тие се приведени и по документирање на случајот ќе следуваат соодветни законски мерки“, порача Гоце Андреев.
Еден од најпроблематичните региони во врска со овој феномен, според полицијата, е Полошкиот регион. Од СВР Тетово велат дека оваа година се регистрирани само материјални штети, додека претходните години имало и повредени лица од заскитани куршуми.
„Во текот на 2025 година во СВР Тетово се регистрирани 9 кривични дела, од кои шест во тетовскиот и три во гостиварскиот регион. Регистрирани се оштетувања од ‘залутани’ куршуми со кои се оштетени 5 возила, 2 тераси, а 2 куршума завршиле во дворови од куќи. Исто така, регистрирани се и три нарушувања на јавниот ред и мир – во Тетово 2 и во Гостивар 1 – со неовластена употреба на пиротехнички средства или огнено оружје за време на семејни веселби.“, вели СВР Тетово.
Од МВР потсетуваат дека пукањето со огнено оружје е спротивно на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, и дека казните се движат од 100 до 250 евра. Според полицијата, зависно од последиците, пукањето може да претставува и кривично дело „предизвикување општа опасност“, за што е предвидена казна затвор од една до пет години.