Од утре почнува полицискиот час – мора да се спречи ширењето на британскиот сој

НАЈНОВИ ВЕСТИ


Од утре земјава повторно под полициски час. Ограничувањето на движењето ќе започне од 22, а ќе трае до 5 часот наутро. Оваа анти-ковид мерка ќе биде на сила до 22 март. Забраната за слободно движење важи и за возилата од јавен превоз. Премиерот Зоран Заев, вели дека за можното продолжување на полицискиот час ќе одлучат здравствените власти.  

Полицискиот час се воведува поради зголемувањето на бројот на заразени со коронавирус и има за цел да го спречи ширењето, додава Заев. Првиот човек на полицијата пак, Оливер Спасовски, вели дека рестриктивните мерки се неопходни за заштита на здравјето и животот на граѓаните. 

Од ВМРО-ДПМНЕ прашуваат како е можно државата од една страна за спроведува попис, а од друга пак, да се воведува полициски час?

Одлуката за забрана за движење не важи за патниците коишто доаѓаат или заминуваат од меѓународните аеродроми и патниците на меѓународниот превоз, односно доколку бидат сопрени од полициски службеници, треба само да го покажат билетот како доказ.  За транспортерите како дозвола ќе се прифаќа патниот налог, додека транспортерите што транзитираат ќе имаат обврска најмногу за 3 часа да ја напуштат земјата од еден до друг граничен премин. Отстапки од забраната ќе има и за сите граѓани кои ќе имаат потреба од итна медицинска грижа и за слободно движење, а оваа потреба ќе треба да ја најават на службата 192 на телефонот на Министерството за внатрешни работи.

Компаниите чии вработени минатата година добиле дозволи за движење во полициски час, истите ќе важат и сега.  Дозвола за движење за време на полицискиот час од Министерството за информатичко општество и администрација ќе можат да побараат и граѓаните кои ги изгубиле претходните дозволи или пак се вработиле откако истекла мерката – полициски час.