Од вечерва до понеделник полициски час, граѓаните револтирани, Филипче инсистира на строги контроли

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Слободното движење на граѓаните траеше само десет дена. Откако претходно на 26 мај го укина, вчера вечер Владата повторно го воведе полицискиот час. Ваквата одлука следуваше по зголемениот број на заболени со корона вирусот. Според одлуката, од вечерва во 21 часот па сѐ до 05 часот во понеделник, се забранува движењето во Скопје, Тетово, Куманово, Липково и Штип.

Во сите останати градови се забранува движење од вечерва, од 21 часот до наредниот ден, до 05 часот наутро. В петок, сабота, недела во овие градови забраната започнува од 16 часот и трае до следниот ден до 05 часот наутро.

Министерот за здравство Венко Филипче денеска истакна дека овие мерки се само дополнување на мерките кои веќе се имплементираат.

„Сметам дека ова сериозно ќе придонесе да се намали ризикот од ширење на вирусот и една комплетно поинаква слика некаде при крајот на оваа недела што доаѓа. Сакам упатам еден апел до надлежните институции кои што треба да контролираат и санкционираат и посебно тоа да биде силно изразено на терен ние апелиравме на еден заеднички состанок со МВР посебно имајќи во предвид дека овие новозаразени се во време кога имаше рестриктивни мерки кога имало забрана за масовни собири, кога имало препорака за носење на заштитни маски и ништо од тоа не се почитувало. Ќе инсистирам да има строга контрола на овие рестриктивни мерки“, рече Филипче.

За националниот координатор Бујар Османи несериозноста на граѓаните е главната причина за зголемувањето на бројот. Како што вели тој, повеќе се верува на лажни вести, отколку на медицинските лица.

„Сметам дека најголемиот проблем не се почитувањето на мерките, не се ниту еден од работите што се зборуваат во јавноста. Најголемиот проблем во моментот е тоа што доминираат лажните вести кои што за жал успееја да ги надгласат фактите кој што ги кажуваат институциите. Денеска имаме ситуации кога роднини ни се јавуваат по телефон да ургираме на инфективна клиника да не ги ставаат родителите на респиратор затоа што има уверување кај луѓето дека ако одат во инфективна клиника нема да излезат живи од таму. Затоа ги кријат симптомите и 33 проценти од хоспитализираните стигнуваат касно после 8 до 9 дена лекување во домашни услови затоа што некој проширил таква лажна информација дека на инфективна клиника се убиваат пациенти.“, рече Османи.

Тв 21 денеска беше на терен каде ги праша граѓаните за тоа што мислат за повторното воведување на полицискиот час. Дел од нив се револтирани поради ваквата одлука, а дел велат дека со оглед на непочитувањето на препораките, ваквата одлука е очекувана.

АНКЕТА НА ГРАЃАНИ:

-Немам коментар, многу сум бесна. Сега невини граѓани за некој што не се придружуваат према мерките што ги препорачаа ќе седиме дома.

-Не сме држава која знае и може да среди ваков проблем. Ова не е голем проблем. Ама ние сме рогови во вреќа. И на кого да му кажеш, на позицијата, на опозицијата или на некој трет. Гледате дека јас носам маска, ги терам сите тие кои не знаат и не сакаат, кој што водат инат. На кого инат? Еве сега нека седат дома.

-Ова беше очекувано. Вината ја гледам во сите. И во граѓаните и во владата. Не може само во одредени градови да бидат. Ако веќе се спроведуваше, требаше да се спроведе на ниво на цела држава. Веќе почнуваме да попуштаме со трпението, бидејќи за одредени кластери, трпат сите граѓани.

-Вие морате да имате стратегија. Не може да бидеме најпаметни, а сме на последно место во Балканот. Треба добри војници, добри генерали, паметно да размислуваат, да планираат и да превземаат мерки. Не да си ги гледаат интересите свои, а за граѓаните да не им е гајле. Тие што не ги почитуваат мерките, треба ригорозно да се казнат, да се опаметат, да се затворат

Во последното денонокие регистрирани се 120 нови случаи на Ковид-19. Ова е најголемиот пик од почетокот на епидемијата во нашата земја. Досега највисокиот пик изнесуваше 107 заболени лица, регистрирани за 24 часа. Најголем број случаи пак има во Скопје – 67. Во Куманово има 19 новозаболени, Штип 16, Прилеп 4, Тетово 9, Велес 2, Гостивар, Неготино и Струмица по еден случај.