Од воени транспортери направени противпожарни возила – Ангелов: Внимавајте на пожарите, ризикот е многу висок

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Дирекцијата за заштита и спасување одржа демонстрациска вежба, на која беа претставени можностите на специјалните противпожарни возила, адаптирани за потребите на Службата за државна безбедност.

За време на вежбата, возилата ги демонстрираа своите маневарски способности, покажувајќи дека можат да се движат по тежок терен, да совладуваат пречки и брзо да реагираат во вонредни ситуации.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, истакна дека овие возила, особено при искачување на стрмни терени, нудат подобри перформанси во споредба со новите возила, благодарение на нивните технички карактеристики и способноста да се приспособат на барањата на теренот.

„Во овој период од годината нашите возила се подготвени да функционираат самостојно, без потреба од поддршка од припадници на полицијата или Армијата како возачи на специјалните возила. Но, доколку дојде до значително зголемување на големи, катастрофални пожари што би ги загрозиле луѓето или имотот, на располагање ќе бидат и припадници на Армијата и полицијата.“, рече Стојанче Ангелов.

Покрај тоа, Ангелов потсети дека секој што ќе предизвика пожар ќе заврши во затвор. Тој апелираше до граѓаните на максимална претпазливост, предупредувајќи дека земјата влегува во период со исклучително висок ризик од пожари поради најавениот топлотен бран.

„Земјоделците кои користат пиротехнички средства што создаваат звук сличен на истрел за да ги исплашат птиците, треба да знаат дека нивните уреди можат да предизвикаат пожар. Почитувани граѓани, ве молиме пријавете ја секоја сомнителна активност во најблиската полициска станица или јавете се на бројот 112.“, вели Ангелов.

Според Ангелов, во текот на јули во просек дневно биле регистрирани околу 15 пожари на отворен простор. Благодарение на навремената реакција на противпожарните екипи и поддршката од авионите на Дирекцијата за заштита и спасување, сите пожари биле ставени под контрола и успешно изгаснати.