Никој не го организирал упадот во Собранието, ниту пак давал наредби како да се постапи и мобилизира членството, вака речиси сите денешни сведоци го побиваа обвинението.
„Луѓе спонтано се собираа во седиштето на партијата, атмосферата беше вознемирувачка. Имаше 150 луѓе кои доаѓаа спонтано за да дознаат повеќе информации, прашувајќи се секој со секого што се случува.“, рече Кирил Божиновски.
Сведочеше и Иво Котевски, кој рече дека граѓаните се собирале за да дознаат повеќе информации, тогашниот технички премиер Емил Димитрив пак додаде дека немал информации за оневозможување на избор на претседател на законодавниот дом.
„Единствен доказ на обвинителството е Александар Василевски Нинџа е деградиран до крајни можни граници и сметам дека не може да биде основа за една осудителна пресуда само со тој исказ, бидејќи и вие ги знаете и другите докази со кои што неговото движење пред се потврдува врз материјални докази, дека никогаш не бил во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ за да она што го тврди може да се верува дека е вистина.“, вели адвокатот Еленко Миланов.
Митко Чавков, поранешен директор на Бирото за јавна безбедност рече дека за време на упадот во Собранието се наоѓал во приватни канцеларии во Технометал Вардар.
„Мојата наредба беше да ги држат вратите и да не дозволат толпата да влезе во Собранието. И тоа се успеваше во еден период. На пример од страната на Домот на АРМ имаше силен притисок за влез во Собранието, но не успеаа“, рече Чавков.
На самиот ден, 27-ми април добил и повик од тогашниот премиер Никола Груевски, но Чавков му одговорил дека веќе е воспоставена контрола во Собранието. Повикот се случил околу 20.30 часот.
„Од моја перспектива, ние имавме информации дека вратите на Собранието се затворени со механизам и така дека се безбедни и не може да се пробијат при било каков притисок од надворешна сала. Грешки во командувањето нема, но може да има пропусти, како што имало на секој протест, рече Чавков.
Чавков сведочеше дека тој ги донел одлуките да се фрлат шок бомби во Собранието, потенцирајќи ја опасноста кога не била исклучена бидејќи станува збор за затворена просторија.
„Подоцна дадов и наредба целосно со восок да бидат запечатени сите простории во Собранието, но Јавното обвинителство не изврши увид за жал“, вели Чавков.
На прашање од судечкиот совет, дали се познава со Нинџа и Кољо рече дека ги знае само по прекар, но никогаш лично не се запознал, иако знаел дека биле дел од како што рече тој криминалното миље.
Покрај ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски обвинети за организацијата на настаните од 27 април 2017 година во Собранието се и поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски и бившиот директор на УБК Владимир Атанасовски. Сите се гонат за делото терористичко загрозување на на уставниот поредок и безбедноста.
