Одделот за воздухопловни единици при МВР утре ќе учествува на „SKOPJE AIR FAIR 2025“ во Градскиот парк

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Утре (25.10.2025), со почеток во 11:00 часот во Градскиот парк во Скопје, ќе се одржи петтото издание на „SKOPJE AIR FAIR 2025“ – настан посветен на промоција и популаризација на воздухопловството во Република Северна Македонија, во организација на Здружението за подобро воздухопловство „Авикон“.

На настанот, покрај бројни воздухопловни институции, компании и организации, ќе учествува и Одделот за воздухопловни единици при Министерството за внатрешни работи, кој на својот промотивен штанд ќе ја претстави работата, мисиите и капацитетите на полициската хеликоптерска единица.

Посетителите ќе имаат можност одблиску да се запознаат со полицискиот хеликоптер BELL – 412EP, специјализираната опрема и задачите кои оваа единица ги извршува – како што се потраги и спасувања, гасење пожари, медицински евакуации, транспорт на единици за брза интервенција и други операции од јавен интерес.

Преку директна комуникација со воздухопловниот персонал, младите посетители ќе имаат можност да дознаат повеќе за условите и предизвиците на пилотската професија, процесот на обука и улогата на воздухопловните единици во поддршка на јавната безбедност.

Со учеството на „SKOPJE AIR FAIR 2025“, Министерството за внатрешни работи ја потврдува својата посветеност на транспарентноста, приближување на воздухопловните служби до јавноста и поттикнување на интересот кај младите кон воздухопловството.