Одговор на царините: Кина воведува уште една противмерка кон САД

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Кина денеска соопшти дека „умерено“ ќе го намали бројот на американски филмови што официјално се прикажуваат на нејзината територија, што претставува една од противмерките во трговската војна со САД.

За разлика од помирливиот тон кон остатокот од светот, американскиот претседател Доналд Трамп во средата ги заостри царините на кинеската стока. Откако најави дека за остатокот од светот ќе ги паузира некои од новите царини за 90 дена, Трамп ги зголеми царините на увозот од Кина на вртоглави 125 проценти.

Кинескиот министер за трговија вети дека Кина „ќе се бори до крај“ доколку Вашингтон продолжи со непријателската кампања на зголемување на царините и давачките.

„Лошите практики на американската влада, кои вклучуваат злоупотреба на царините против Кина, можат само да ја намалат популарноста на американските филмови кај кинеската публика“, изјави портпаролот на Националната служба за филмска уметност (CFA).

„Ќе ги следиме пазарните правила, ќе го почитуваме изборот на публиката и умерено ќе го намалиме бројот на американски филмови што се увезуваат во Кина“, стои во соопштението на CFA објавено на нивната веб-страница.

Како причина за објавата се наведуваат американските царини од 125 проценти на кинеска стока, што го опишуваат како „погрешен потег“.

Кина секоја година за национална дистрибуција увезува 34 странски филмови, од кои десетина се американски, според претходно договорениот квотен систем. Иако американските филмови веќе не се толку популарни во Кина – вториот најголем филмски пазар во светот – тие и понатаму заработуваат значителни износи, па во 2024 година инкасирале 585 милиони долари или 3,5 проценти од кинескиот пазар, кој вкупно остварил приход од 17,7 милијарди долари на кино-благајните.

Најголем американски успех во Кина во 2024 година беше спектаклот „Годзила x Конг: Ново царство“ кој заработи 132 милиони долари.

Иако увозот на американски филмови во Кина е ограничен, Кинезите преку различни стриминг-платформи и пиратски страници лесно доаѓаат до странски филмови.