Одлучувањето по иницијативата поднесена на Законот за правата на претседателот на државата и неговото семејство по престанување на функцијата е одложено за следната седница, бидејќи Уставниот суд денеска не беше во полн состав.
Иницијативата е поднесена од Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), која бара парламентарно и уставносудско преиспитување на оправданоста на одредени законски решенија за привилегиите на поранешните претседатели.
Антикорупциската комисија во септември минатата година побара од Службата за општи и заеднички работи на Владата да го раскине договорот за закуп на просториите на поранешниот претседател Ѓорге Иванов и да му додели канцеларии во државна сопственост. Според Комисијата, просториите на поранешниот претседател се избрани во нетранспарентна постапка.
-Во мала и сиромашна држава како нашата се трошат многу средства за поранешните претседатели, а нема ниту ограничувања колку години треба да им се покриваат трошоците по завршувањето на нивниот мандат, како што е во најголем број држави во регионот и пошироко. Тие дури не поднесуваат ни извештај какви активности имале или имаат, изјави тогаш претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, подвлекувајќи дека за десет години за трошоците на поранешните претседатели се потрошени повеќе од милион евра.
Според Законот за правата на претседателот и неговото семејство по престанок на функцијата, тој има право на пензија чиј износ е еднаков со износот на платата што ја прима претседателот на државата, има право на канцелариски простор и најмногу тројца соработници. Има и право на лично обезбедување, како и право на користење службено возило и возач.
Законот предвидува и да учествува на државни свечености и манифестации редоследно по претседателот на Републиката, претседателот на Собранието, претседателот на Владата и претседателот на Уставниот суд.
