Одложено рочиштето за „Софтвери“- Рашковски: Доказите се прибавени на незаконит начин

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Првото судско рочиште против поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски е одложено поради отсуство на една од обвинетите, Маја Силјановска.


Сепак, Рашковски како првообвинет во случајот „Софтвери“ тврди дека доказите против него се прибрани на незаконит начин. Како што вели, срамно е што на лицата кои немаат ниту познавања, ниту лиценци, а ниту се вештаци, им се дава пристап до приватните податоци на лицата на кои им се одземени телефоните.

Рашковски, како сведок за своја одбрана го предложи поранешниот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев. Но, обвинителката Ивана Трајчева не открива кој ќе биде сведокот од Влада, само нагласи дека тоа ќе биде соопштено навреме.

Во однос на наводите на одбраната дека доказите се прибавени на незаконит начин, обвинителката Трајчева рече дека постапувале на истиот начин како што постапувале и во други предмети. Во случајот „Софтвери“ покрај Рашковски и Силјановска, обвинети се и Ивица Димитровски, Игор Христов, Даниел Станчев, Ирена Ивановска, Игор Ивановски.


За Рашковски во обвинението стои дека не ги извршил своите службени должности при спроведување на четири постапки за јавна набавка за Систем за биометриска идентификација, јавна набавка на Софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни, набавка на стоки – ANPR камери за препознавање на регистарски таблички за возила и јавна набавка на работи – метални кабини за потребите на системот на биометриска идентификација и систем за автоматско препознавање на регистарски таблици.