Иако поради пандемијата со коронавирусот не може да се патува насекаде, граѓаните и оваа лето не беа спречени да одат на одмор. Единствени дестинации каде што може да се оди, освен нашите домашни, се Албанија и Турција. Од туристичката агенција „Сава Турс“ велат дека синоќа отпатувал и првиот авион со 186 патници за Анталија.
„Синоќа беше првиот лет, 20 јули, 02.40 минути, патничката листа со 186 патници одлета за Анталија. Инаку во овие авиони мора да напоменам дека има шест празни места кои се наменети за медицинска екипа. Во секој авион има медицинска екипа за не дај Боже. Доколку некој има проблеми, веднаш се става во тој преграден дел каде што може да интервенира таа екипа“, истакна Зоран Вук.
Според протоколите од надлежните институции, сите патници морат во текот на патувањето да носат заштитни маски.
„Според протоколите кои ги има од Министерството за здравство секој патник мора да има маска. Да не дојде до недоразбирање, маска е задолжителна и за децата, од најмалото кое што може“, додаде Зоран Вук.
Екипата на ТВ21 ги запраша граѓаните дали планираат остатокот од летото да заминат некаде на одмор.
„Не се плашиме, зашто да се плашиме. Секоја година одиме на одмор во Охрид и Струга“.
„Годинава нема да одиме на одмор, веќе бевме во Охрид. Стравуваме ради короната. Сите стравуваат, не само јас“.
„Не, нема да одиме. И од страв и од економската криза. Ќе одиме малку на село“.
„Нема шанси. Поради короната. Знаете што е причината. Причината е короната, а ние сме ризични групи, стари сме веќе. Ние сме уплашени и сме биле многу болни во животот така да сега ќе стагнираме оваа година, па здравје до година да сме здрави и живи“.
Побарувачката за летување е зголемена и во домашните капацитети, а најмногу се барани хотелите и апартманите во Охрид, каде што епидемијата ги зголеми и цените за сместување.
„Генерално Охрид отсекогаш бил поскап. Можеби охриѓани милуваат да кажат дека нивниот град е најскап град за живеење и за самите охриѓани посебно за нас туристите што одиме таму. Цените се нереални за нашиот стандард, посебно во угостителските објекти“, посочи Зоран Вук.
Само во мај годинава земјава ја посетиле 838 туристи што е за скоро 100 посто помалку во однос на истиот месец лани. Како што соопшти Државниот завод за статистика, реализирани биле вкупно 4.946 ноќевања што е 97,6 проценти помалку.
