ОЈО сомничи 5 лица, меѓу нив и екс заменик-министерот Димковски – од државните резерви „испариле“ 2.000 тони жито вредни 780.000 евра 

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Основното јавно обвинителство во Скопје отвори постапка против 5 лица, меѓу кои и поранешниот заменик-министер за земјоделство Трајан Димковски. Тие се сомничат дека со лажни извештаи ја оштетиле државата за 780.000 евра. Како што велат од обвинителството, тие како соизвршители сториле кривично дело „Злоупотреба на службена должност и овластувања“.

„Осомничените ја злоупотребиле својата службена должност со неизвршување на својата службена положба и иако биле должни да ја известат Владата на РСМ за фактичката состојба во Јавно претпријатие за берзанско работење „Агро берза“ Скопје, односно дека е настанат неоснован кусок на меркантилна пченица и јачмен (период од 2019-2021 година), истите доставиле неточни податоци и информации. Со ова дејствие лицата постапиле спротивно на Законот за стоковните резерви“, додаваат од ОЈО.

Еден од осомничените, како експерт ангажиран од Бирото за вештачење, подготвил фалсификуван извештај, кој бил одобрен од Владата.

„Истата била прифатена од страна на Владата, при што Агенцијата за стоковни резерви Скопје била задолжена да изврши отпис на 1.500 тони меркантилна пченица и 500 тони јачмен за сточна храна, во вкупна вредност од 473.365 евра (во моментот на отписот по цените кои се набавувала пченицата и јачменот во 2022 година, вредноста на истата изнесувала 780.487 евра), која вредност преставува штета на Буџетот на РСМ“, велат од ОЈО.

Обвинителството соопшти дека, со оглед на тоа што делото се гони во скратена постапка, до судија на претходна постапка е поднесен предлог за определување мерки на претпазливост, одземање патни исправи и задолжително јавување во суд за сите петмина осомничени.