Октомври – месец на подигање на свеста за рак на дојка – Хема Онко: Во државните клиники се чека предолго за термини

НАЈНОВИ ВЕСТИ


Раната превенција од рак на дојка е клучен момент – и токму тука Македонија потфрла. Овој податок произлегува од анкетата спроведена од здружението Хема Онко, каде биле анкетирани 200 пациенти, а резултатите покажале дека 70% од нив анализите ги направиле во приватни клиники.

„Повеќе од 70% од пациентите кај кои болеста е дијагностицирана рано, анализите ги прават приватно, што според мене е поразувачки за здравствениот систем. Зошто е така, мислам дека е јасно – се чека премногу долго за термини, за биопсија, за патологија во државните клиники. За нас како онколошки пациенти, уште поразително е тоа што 80% од пациентите, без разлика дали се во прва или четврта фаза, на почеток се испраќаат на хирургија“, вели Ана Марјановиќ, онколошки пациент – Хема Онко.

Од Хема Онко велат дека добиле ветување од Министерството за здравство дека ќе се воспостави национален регистар за онколошки пациенти.

„Од министерот добивме ветување дека ќе има промени, ќе има целосна дигитализација на целиот здравствен систем, со податоците што ги побаравме да се внесуваат во национален регистар, бидејќи како што кажа и Ана, податоци за пациентите кои се лекуваат во приватни клиники – ние ги немаме“, изјави Милица Кузмановска од Хема Онко.

Здружението Хема Онко и оваа година организираше појадок со пациентите во Клиниката за онкологија во Скопје.

„Не затоа што славиме, туку затоа што жените треба да бидат во фокусот кога станува збор за оваа болест, да ги почитуваме, да појадуваме заедно и да ја подигнеме свеста дека раната дијагноза спасува животи“, вели Лидија Пецова, претседателка на Хема Онко.

Инаку, од здружението упатија благодарност до медицинскиот персонал при Клиниката за онкологија, затоа што, како што рекоа, поради недостигот на кадар, се соочуваат со многу работа.

Октомври е месец на свесност за рак на дојка ширум светот, со цел да се зголеми вниманието и поддршката за подигнување на свеста, раното откривање, лекувањето, како и палијативната грижа за оваа болест.