Последниве години е забележано намалување на степенот на верскиот онлајн екстремизам во Северна Македонија, вели Емир Хасановиќ, координатор за земјите од Западен Балкан во Институтот за стратешки дијалог. Овој вид екстремизам сѐ уште е присутен, но со поблаги тонови, покажува последното истражување околу ова прашање.
-На пример некои имами кои беа поврзани со екстремистички организации и кои не се активни само во нашата земја, туку и на меѓународната сцена, тие малку го ублажија нивниот дискурс, но и понатаму тоа е пат кон екстремизам. Таа содржина на екстремизам не е на ниво на кое беше во 2016 година, но и екстремистичките организации веќе не се толку моќни и заинтересирани како во 2016-вели Хасановиќ.
Според истражувањето, онлајн екстремизмот е најизразен во политички и меѓуетнички аспект, вели Хасановиќ, а тоа е резултат на работата на Владата, политичката клима и политичкиот дискурс воопшто. За подобрување на состојбата, Институтот излезе со неколку препораки до институциите одговорни за развојот на општеството.
-Ние ги охрабривме институциите да се занимаваат со говорот на омраза на еден систематски начин по истражувањето и нашите предлози, но ги охрабривме и да работат со младите, да развијат нов онлајн концепт, кој е навистина потребен во овој век. Треба да ги едуцираме младите и да ги подготвиме како да функционираат во тој екосистем, како да знаат што се официјални насловни страни, на кои информации треба да им веруваат и што е екстремизам, од каде доаѓа слободата на говорот и каде започнува говорот на омразата. Ова е она на кое треба да работиме-рече Хасановиќ.
Политички гледано, екстремизам постоел во Договорот од Преспа и во темата околу „Шарената револуција“, а според истражувањето, онлајн политички екстремизам води кон меѓуетнички екстремизам. Извештајот е изготвен од Институтот за стратешки дијалог, а истражувањето е направено со посебен софтвер преку кој се анализирани 1 милион и 200 илјади објави на социјалните мрежи и форуми.
