Наставата во Тетово ќе се одвива главно онлајн. Од вкупно 19 училишта во градот и тетовските села, само во пет учениците ќе можат да следат настава со физичко присуство. Причина за тоа е што Градот Тетово е еден од градовите со најголем број на ученици во Македонија, по Скопје.
Раководителот на секторот за образование, Ахмед Ќазими, вели дека тетовските училишта се подготвени и за онлајн и за настава со физичко присуство, но се зависи од МОН.
„Имајќи предвид бројот на учениците во средните и основните училишта во Тетово, само 5 училишта имаат помалку од 5 ученици во училишните објекти, а сите други објекти имаат над 5 ученици и поголемиот дел од училиштата имаат над илјада ученици, а имаме и училишта со 2 илјада ученици“, посочи Ахмед Ќазими.
Во Гостивар, во средните училишта со помал број на ученици, наставата ќе се одвива со физичко присуство, а тие со поголем број ќе продолжат со онлајн настава. Аслиан Снопче, од секторот за образование во Гостивар, вели дека периферните училишта имаат помал број на ученици и тие ќе имаат настава со физичко присуство.
„Средното медицинско училиште има поголем број на ученици и таму наставата ќе се одвива онлајн. Во економското училиште поради малиот број на ученици и одделенија со поголем број, 15, се надевам дека ќе почне со настава со физичко присуство, а другите две училишта се подготвуваат за првите две години со физичко присуство додека учениците да се прилагодат, а другите години ќе продолжат со комбинирана настава и на три месеци да одат во училиште за повторување“, вели Аслиан Снопче.
Друг проблем на училиштата продолжува да биде техничкиот кадар. Од општините велат дека побарале од министерството зголемување на кадарот кој ќе се грижи за хигиената во училиштата за целосно да се почитуваат протоколите.
