Преку програми и обуки ќе се врши доедукација и доквалификација на 600 луѓе за што се предвидени 70 милиони денари.
Целта е тие да може да се вклучат на пазарот на труд рече министерката за образование Весна Јаневска истакнувајќи дека во земјава имаме недостаток на работна сила која пред се се должи на иселувањето на младите од земјава.

„Ќе се одржуваат обуки на луѓето кои ќе се пријават на огласот, тоа ќе бидат кратки обуки кои ќе нудат вештини во траење од 3 месеци, секој од тие што ќе бидат пријавени на овие обуки ќе добие 12.000 денари месечно“, вели Весна Јаневска.
Заменик министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски рече дека на младите активно ќе им се помага да најдат работно место во државава.

„Поставување на вакви мерки кои што се надоградени со подобри услови токму за најмладите и оние од 29 години отвораме буквално можности за тие да останат тука во Македонија, да можат да бидат дел од системот за вработување и да буквално својот живот и своето семејство го креираат токму тука во Македонија“, вели Ѓоко Велковски.
Првиот човек на Агенцијата за вработување Сељатин Бељули рече дека активно се подготвуваат за спроведување на мерките предвидени со Оперативниот план.

„Јавните повици ќе се објават со еден план и роковник кој што ќе го определиме и дефинираме, но чекаме решение од страна на Комисијата за заштита од конкуренцијата каде што тие како таква комисија имаат надлежност да донесат решение дали можеби некоја од активните мерки се судрува со закон од заштита на конкуренција“, вели Сељатин Бељули.
Оперативниот план за вработување за 2025 година е вреден 40 милиони евра и опфаќа над 16 илјади невработени, а 65 проценти од овие лица се очекува да бидат на возраст до 29 години.
