Опозицијата го бојкотира Џафери – предлогот за онлајн Собрание ставен на дневен ред за в четврток

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот на Собранието Талат Џафери за в четврток ја закажа седницата за измени на Деловникот за онлајн парламент. Но засега е неизвесно изгласувањето на измените бидејќи мнозинството ги нема потребните 61 глас, поради тоа што дел од нивните пратеници се во изолација или се заразени со Ковид 19. Опозицијата пак и натаму се противи на идејата за он лајн Собрание. Тие денеска ја бојкотираа координацијата кај Џафери затоа што тој на претходната координација воопшто не ги известил дека ќе поднесе измени на Деловникот.

„Собранието има над 115 пратеници кои што работат и кои што се присутни во самата пленарна сала. Единственото барање за он лајн седници е малиот број на пратеници кои што ги има владејачкото мнозинство“, посочи Никола Мицевски.

„За Деловник се одлучува консензуално. Фактот дека тој лично со мнозинството во Собранието го наметнува тој Деловник излегува непотребно да одиме на координација. Затоа што секогаш кога одиме на координација друго доаѓа на самата реализација“, посочи Скендер Реџепи.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митревски пак се надева дека сите пратеници ќе го поддржат предлогот за онлајн Собрание за тоа да не биде блокирано поради заболени и изолирани пратеници. 

„За јавноста нашиот став е јасен. Само пратеници во изолација и заразените со Ковид 19 да имаат можност да работат од далечина и тој став се поклопува со предлогот на претседателот на Собранието Џафери“, вели Јован Митревски.

Во предлогот за измени на Деловникот е предвидено доколку некој пратеник претставува ризик по здравјето на другите пратеници, тогаш тој треба да го извести претседателот на Собранието дека ќе работи онлајн. За ова пратеникот треба да достави документ со кој се потврдува дека тој не може лично да присуствува на седниците. Сепак, Собранието ќе биде должно да му обезбеди на пратеникот компјутер и потребна опрема за следење на седниците онлајн.