Ниту општините не успеваат да излезат на крај со сметките за струја. Велат дека се пред колапс и побарале итна средба со премиерот Димитар Ковачевски за да побараат помош и решение од Владата. Премиерот вели дека средба ќе се одржи но додава дека општините сами го подготвиле буџетот и требало да воведат ставка во буџетот која би помогнала во соочување со секаков тип криза.
Општините преку ЗЕЛС се пожалиле дека сметките за струја се 4 до 5 пати повисоки од претходните. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски рече дека за прв пат во време на криза, Владата ги намалува дотациите за општините а ова е последица на тоа што власта го изгуби мнозинството во општините.
ЗЕЛС бараат Владата да ги субвенционира трошоците на општините за потрошена електрична енергија до ниво на трошоците што ги имале општините пред кризата. Претседателката на ЗЕЛС, Данела Арсовска, пред неколку дена состојбата во општините ја оцени како алармантна и рече дека можно е да има намалување на општинските услуги, а Владата треба да понесе одговорност и да им помогне на општините.
