Новите рестриктивни мерки на Владата повторно го крена гласот на угостителите во државата. Имено, со целосното двонеделно затворање на угостителските локали, на 30.000 вработени во оваа дејност им се заканува отказ од работа. Туристичко угостителската комора на Македонија апелира дека во моментов е неопходно итно да се додели и посебна финансиска помош за субјектите кои поради одлуката затворањето ќе останат без било какви приходи.
„Со ова веќе апсолутно нема никаква економска логика и де факто без никаква економска помош доколку се остави и овојпат ќе се соочиме со катастрофални последици во нашиот сектор. Ова не постои никаде како пример во светот и не верувам дека оваа дејност ќе продолжи да функционира на било каков начин. Верувајте ми дека за краток рок многу, многу угостители ќе ги затворат своите објекти.“, вели Мартин Ангеловски од Туристичко-угостителската комора.
Ангеловски смета дека доколку сите угостители ги почитуваа мерките, а институциите на терен правилно си ја извршуваа својата работа, немаше да дојде до оваа ситуација да се затворат сите угостителски објекти наеднаш.
„Јас и тогаш употребив една споредба со семафорите на улица. Значи, семафорите на улица постојат да се почитуваат и 99 проценти од учесниците ги почитуваат. Тие што ќе поминат на црвено соодветно треба да бидат казнети. Апсолутно тој што нема да ги почитува мерките треба да биде казнет. Така да прекршувања има, свесни сме, но тие се минорни во однос на тоа колкава е оваа индустрија.“, вели Ангеловски.
ТВ21 стапи во контакт со Владата, од каде што велат дека имаат во план да развијат мерки за овие 15 дена додека бидат целосно затворени угостителските објекти. Туристичко угостителската комора во повеќе наврати потенцираше дека овој сектор е еден од најзасегнатите од кризата предизвикана од пандемијата, но и покрај тоа веќе неколку месеци за секторот нема никаква помош, а граѓаните кои егзистираат од овој сектор тонат во долгови по повеќе од цела година рестрикции.
И, додека од Владата најавуваат нов пакет мерки, се уште ниту петтиот, планиран за месеците јануари и февруари не е стигнат до работодавачите и работниците. Причината е тоа што заглави во Собранието. Пратениците никако да го изгласаат поради нивни политички преписки.
