Годишно од Македонија се иселуваат по 12 илјади лица, смета опозицијата. Пратеничката од НСДП Соња Мираковска, на денешната Седница, рече дека поради лошите економски услови, во последните години се ислелие најдобрите кадри, лекари и инженери, најголем дел во Германија.
Масовното иселување според неа, се должи на високиот процент на сиромаштија. Како што потенцираше Мираковска 9 проценти од населението во Македонија живее со помалку од 100 денари дневно.
“150.000 илјади луѓе си заминале од 2006-та па наваму. Нема војна, нема конфликт, има само една само една владејачка гарнитура за која човекот не е важен, за која човекот е само бројка која треба да гласа. И тој треба да гласа, за да владее една врхушка, без да мисли за својот народот. Погледнте го извештајот на Еуростат и таму пишува, 20.000 луѓе 2013, а толку се и во 2014“ – изјави Соња Мираковска од НСДП.
Интензитетот на иселување од Македонија се намалува. На годишно ниво, сега бројката во просек изнесува околу 5.000 лица, тврдат пратениците од владејачкото мнозинство повикувајќи се на податоци на Светската банка. Според Крсто Мукоски од ВМРО-ДПМНЕ, најмногу од државата се ислеиле во 90-тите години за време на транзицијата кога СДСМ бил на власт.
„Тоа се случува во 1994 година кога од земјата заминале 124.000 лица.Тоа се случи поради криминалната приватизација која ја спровела тогашната влада на СДСМ. Затоа ја имаме ова најголема историкса бројка“ – изјави Крсто Мукоски од ВМРО-ДПМНЕ.
Во Извештајот за миграција, европската статистичка агенција Еуростат објави дека во периодот од 1998-2011, околу 230.000 луѓе ја напуштија Македонија да живеат во странство. На околу 170.000 од овие луѓе им бил одобрен привремен престој во земјите на Европската Унија, главно во Италија, Германија, Австрија и Словенија.
Подготви: Габриела Димковиќ Мишевска
