Општина Тетово побарала помош од владата за оштета на семејствата кои претрпеа материјални штети од поплавите во неделата. Оваа одлука ја донеле синоќа во Кризниот штаб.
„Владата да помогне за финансиска компензација по проценката на штетите за физички лица, училишни објекти и јавна инфраструктура од невремето кое го зафати Тетовскиот регион“, велат од КШ на Тетово.
Барањата кои произлегле како заклучоци од состанокот на КШ, денеска ќе бидат испратени до владата со цел преземање мерки во најкус можен рок, се вели во соопштението на општина Тетово. На прашањето дали ќе и помогнат на Општината, од владата велат дека секогаш помагаат во случаи на непогоди, но без да прецизираат како ќе го сторат тоа во овој случај.
„Фокусот е грижа за граѓаните и при вакви слуачи да излезе пресрет на сите, вклучително и на единиците на локалната самоуправа. Владата донесува одлука за видот и висината на помошта. При вакви појави, општинските комисии за процена на штети излегуваат на терен и подготвуваат записници. Потоа прават збирен извештај или елаборати, и ги доставуваат до владината комисија за процена и управување со штети“, велат од Владата.
Инаку пред два дена, градоначалникот на Тетово, Биљал Касами вети дека со или без помошта од Владата, оштетените семејства ќе добијат оштета.
„Да, ќе бидат обесштетени, јас кажувам јавно дека би сакале да ги споделиме со Владата. Како и да е, дали ќе имаме или не помош од Владата, им гарантирам на сите граѓани кои претрпеа штета од поројните дождови, дека ќе бидат обесштетени на соодветен начин од Општина Тетово“, вели Касами.
Градоначалникот на Тетово во Клик Плус откри дека поројните дождови биле оштетени околу 75 куќи а има и училишни објекти и општински институции кои претрпеле материјална штета.
