Не постои сомнеж дека поранешниот директор Арафат Муареми во времето кога раководел со Финансиската полиција сторил кривично дело. Ова го соопшти Јавното обвинителство за гонење криминал и корупција, од каде велат дека по проверка на документацијата, констатирано е дека Финансиската полиција ги презела потребните дејствија во врска со предметите и ги известила надлежните јавни обвинителства и други релевантни институции.
„Врз основа на анализа на сите расположливи докази, предметниот јавен обвинител донесе решение со кое ја отфрли кривичната пријава бидејќи не постои основано сомнение дека пријавените ги сториле кривичните дела за кои се пријавени или друго кривично дело што се гони по службена должност“, велат од ЈО.
ТВ21 побара став од обвинителката Вилма Рускоска која со месеци беше убедена во обвиненијата против Муареми.
„Стојам зад тоа што го кажав, нема да коментирам одлуки на Обвинителството ниту на Судот“, порача Вилма Рускоска.
Од друга страна, поранешниот директор Арафат Муареми по одлуката на Обвинителството рече дека нападот врз него бил само за нечии лични цели и интереси, додека пак повтори дека за време на неговото раководење немало незаконско работење во Финансиската полиција.
„Дополнително, ве известувам дека до Основниот граѓански суд имам поднесено тужба против Вилма Русковска, затоа што истата, во неколку наврати во своите јавни излагања во емисиски гостувања, иако свесна за невистинитоста на истите, продолжува да изнесува лажни и невистинити податоци, да лаже и да клевети. Од моја страна, злоупотребите на Вилма Русковска ќе бидат докажани и обелоденети до крај“, посочи Арафат Муареми.
Првиот случај за кој беше обвинет Муареми беше поврзан со анонимна пријава против нив дека како Финансиската полиција не постапиле според анонимните пријави што ги добивале во изминатите години. А вториот случај се однесуваше на обвинение на лице од Дебар, кое тврдеше дека поранешниот директор и вработените сториле кривични дела како злоупотреба на службената должност, поткуп, насилство и малтретирање.
Но, предметите што се затворени содржат службен записник од кој, според Обвинителството, може да се заклучи дека Финансиската полиција постапила според службените должности.