Османи е убеден дека ќе се надминат недоразбирањата со Бугарија, особено за барањата кои задираат во македонскиот идентитет, односно со јазикот и нацијата. Ваквиот оптимизам тој го носи по посетата на Софија каде се сретна со премиерот Бојко Борисов и неговата колешка Екатерина Захариева. Бугарија ја сфаќа тежината на својата улога во процесот и дека неодржувањето на Меѓувладината конференција ќе биде неуспех и за сите, рече Османи.
„Јас сметам дека има простор и треба до максимум да го исцедиме тој простор за да дојдеме до меѓусебно разбирање, притоа реков дека прашањата кои што произлегуваат од правото на самоопределување за тоа кој јазик зборат луѓето каква етничка припадност имаат луѓето апсолутно никој не го спори и мене ми е драго што министерката за надворешни на прес конференцијата во Софија рече – се обидуваат да создаваат перцепција дека ние ги спориме овие прашања“, посочи Бујар Османи.
Денеска почна со работа и Мешовитата комисија за историски прашања, за која Османи рече дека е добро што се продолжи да работи по подолго време и дека од Софија и натаму има тензичност околу прашањето со Гоце Делчев. За јавната расправа која се води во Бугарија за 24 мај да се прогласи за ден на бугарската писменост, Османи рече дека тоа е против договорот.
„Мислам дека тоа не е во согласност со Договорот и не е во согласност со работата на Комисијата бидејќи за свети Кирил и Методиј посебно комисиите имаат постигнато консензус и дефинитивен текст како да се интерпретира улогата и како да се одбележат заеднички меѓу двете држави и секое поместување од тоа што го работеле комисиите значи дека се минира целиот процес на комисиите“, додаде Османи.
За Берлинскиот процес со кој, како што е познато ќе се одржи во Софија на кој ќе копретседаваат Бугарија и Македонија, Османи рече дека тоа претставува историски настан сам по себе и дека тој отвора перспективи за Западен Балкан. Утре во Скопје започнува и министерскиот состанок за внатрешни работи кој исто ќе се одржи со копретседавање на Македонија и Бугарија на која се очекува да се иницира идејата за движење со лични карти меѓу сите шест земји на Западен Балкан, кое ќе овозможи полесна комуникација на регионот. Со оглед на тоа дека македонските граѓани само со лична карта можат да патуваат во Косово, Албанија, Србија, Црна Гора и БиХ, ова значи дека останува уште да се приклучи и Бугарија.
