Кои се барањата на Бугарија за разрешување на отворените прашања и дали би можеле тие да се затворат до јануари за кој шефот на македонската дипломатија Бујар Османи се надева дека е можен договор. Тој вчера во магазинот на ТВ 21 Клик плус, вели дека последните барања на официјална Софија се различни од оние од минатата година, но и дека постои голем напредок.
„Ова е „подвижна мета“ од текот на целиот овој период во однос на што точно се бара. Сосема различни прашања беа кога отидов јас во октомври во Софија лани на мојата прва посета откако станат министер за надворешни работи, за сосема друго прашање во однос на форма разговараме денес, меѓутоа стигнавме до еден прогрес“, истакна Османи.
Во однос на прашањето за македонскиот јазик Бугарија и натаму инсистира тој да се нарекува јазик на Република Северна Македонија. Османи вели дека тој е прифатен од Европската комисија како македонски јазик, но дека Бугарија може да има унилатерален став по ова прашање.
„Само македонски јазик со унилатерална нота од страна на Република Бугарија до Советот на Европската унија изразувајќи го својот став по однос на јазикот, притоа Унијата го забележува тој став на Република Бугарија и дополнето објаснување од наша страна како две унилатерални позиции кои што Европската унија ги забележува како такви, но предлогот на Европската комисија останува на маса“, посочи Османи.
И покрај најавите на Османи претходно дека во декември би можеле да постигнеме договор со Бугарија и да ги деблокираме европските интеграции, сепак тоа не се случи и повторно добивме вето. Бугарија се правдаше дека им треба време за новата Влада да постигне договор со Македонија.
„Навистина овој пат не можеа да кажат Северна Македонија не беше спремна затоа што имавме комплетирано досие. Никој не можеше во Брисел да впери прст кон нас. Затоа се најдоа други аргументи – потреба за време, потреба за разгледување на Декларацијата на бугарското собрание, кое што го ограничува овој процес“, вели Османи.
Неодамна новиот бугарски премиер Кирил Петков рече дека во текот на месец јануари тој сака да има прва средба со новата македонска влада во која ќе се разговара и за формирањето комисии во одредени области кои ќе работат на надминувањето на отворените прашања.
