Министерот за надворешни работи Бујар Османи утре ќе оствари средба со европратеникот Илхан Ќучук, известител во Европскиот парламент за Република Северна Македонија, кој ќе престојува во дводневна посета на земјава.
– Посетата се реализира во пресрет на гласањето за Нацрт-резолуцијата за Република Северна Македонија во Комитетот за надворешни работи во рамките на Европскиот парламент, што ќе биде и централна тема на сите средби. Ќе бидат отворени европските перспективи на земјава, како и севкупните состојби со процесот на проширување на Унијата, соопшти Министерството за надворешни работи.
Во рамките на посетата, покрај со министерот за надворешни работи, Ќучук ќе оствари средби и со шефот на државата Стево Пендаровски, претседателот на Собранието, Талат Џафери, премиерот Зоран Заев, претставници на парламентарните групи и со други државно-политички претставници.
