Османи не е загрижен за „нон-пејперот“, Рама вели го видел документот, но не сака да коментира

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи воопшто не е загрижен за „нон-пејперот“ за промена на границите на Западен Балкан. Вели дека со пристапувањето на земјата во НАТО, територијата на Северна Македонија е безбедна.

-Северна Македонија не е спомната во овој „нон-пејпер“, бидејќи ние сме во НАТО и никој не ја гледа веќе Северна Македонија како опција за промена на границите-рече Османи.

Османи исто така нагласи дека од комуникација со словенечките власти се уверил дека ваков документ не постои.

Вели дека треба да бидеме внимателни околу поврзаноста на Словенија со овој документ, бидејќи тоа може да ги наруши пријателските односи со оваа земја.

Но, за разлика од Османи, премиерот на Албанија Еди Рама, го потврдува постоењето на овој документ.

-Пред некое време се видов и разговарав со словенечкиот премиер. Разговараме за тоа како идеја воопшто и го видов и документот што излезе. Немам никаков коментар.-рече Рама.

Пред неколку дена, словенечкиот портал „Нецензурирано“ објави неофицијален дипломатски документ во кој се предлага промена на границите на Балканот. Предвидува обединување на Косово и Албанија, обединување на поголем дел на Република Српска со Србија, а потоа се укажува на решавање на националното хрватско прашање, и тоа на два начина – со обединување на кантоните, главно хрватски во Босна и Херцеговина со Хрватска или давајќи му на хрватскиот дел од земјата посебен статус според моделот на Јужен Тирол. За Босанците се предвидува држава која функционира независно и за која тие треба да имаат целосна одговорност.