Османи: Нема да газиме по црвените линии – за Ќучук клучот за надминување на спорот е во единицата од 4+1

НАЈНОВИ ВЕСТИ

До Самитот на Европската унија што треба да се одржи во јуни има уште околу 3 месеци, но нема некакви најави дека би можело да се постигне решение со Бугарија за да го деблокира процесот на европското интегрирање на Македонија во Европската унија. Од министерот за надворешни работи Бујар Османи повеќе и не лицитира со можни датуми за почеток на преговори, кои претходно ги врзуваше и со датуми. Тој деновиве рече дека со Бугарија се уште има отворени прашања,а денеска рече и дека нема да се дозволи да се гази по црвените линии за што поскоро да се почнат преговорите.

„Ако некој мислел дека ние сме требале да газиме по нашите црвени линии за да некој биде задоволен со датум, тоа не е нашиот став. Некој друг тоа може да го направи, но ние ќе се држиме на нашите позиции на парламентот и поважни ни се овие принципи отколку еден ден побрзо или покасно.  Има добра динамика, еве пред неколку дена во Софија се одржа работната група број 3 за европски интеграции, набрзо ќе биде за економски прашања така да се одржува таа динамика“, истакна Бујар Османи.

Бугарскиот европратеникот Илхан Ќучук смета дека важен момент за започнување на преговорите се билатералните односи, а дека од пакетот 4+1 клучот е во единицата. 

„Единственото нешто за кое станува збор во оваа ситуација, е да бидат исполнети одредени критериуми. А тие критериуми Македонија до голем степен ги има исполнето. Важен момент за започнувањето на преговорите се билатералните односи. Има прагматичен формат ‘4+1’ кој треба да биде разгледан многу внимателно, и како што секогаш сум велел, клучот е токму во единицата – како да бидат гарантирани правата на Бугарите, како и правата на Хрватите и Црногорците“, посочи Илхан Ќучук.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за Канал 5 рече дека Македонија заслужува да добие датум за преговори. Во врска со изјавата на високиот претставник за надворешни работи на Европската унија Жозеп Борел кој рече дека не може да даде ветувања за старт на преговорите го оцени како уште едно отстапување од страна на ЕУ.

„Барем на политичко ниво, солидарност и она се што го направи овој народ за Европа заслужи да ги почне тие преговори. Да не биде предмет на дополнителни понижувања, дополнителни уцени, дополнителни потценувања. Јас повеќе ќе бев задоволен ако слушнев од господинот Борел еве ние ви ветуваме дека во рамките на Европската унија, вашите земјоделци ќе можат родот да го пласираат. Само во јуни нека кажат дека ќе има прва Меѓувладина и дека конечно ќе отпочнеме, без никакви уцени, без никакви договори. Дека конечно ќе почнеме да преговараме“, вели Христијан Мицкоски.

Инаку, Борел во текот на посетата рече дека не може да вети Македонија брзо да ги започне преговорите со Европската унија, но дека за тоа постои волја.