Османи во Букурешт на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО, главна тема е поддршката за Украина

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

ОД БУКУРЕШТ ИЗВЕСТУВА, ЈОВИЦА ПАУНОСКИ

Во главниот град на Романија денеска почнува дводневен состанок на министрите за надворешни работи на членките на НАТО, чиј фокус ќе биде зајакнување на поддршката за Украина во нејзината борба против руската инвазија.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг најави дека учесниците на состанокот во Букурешт најмногу внимание ќе посветат на „илегалната војна на Русија во Украина, која продолжува да ги загрозува евроатлантскиот мир и безбедност“.

Министрите на 30-те членки на НАТО ќе се занимаваат и со прашањето за влезот на Шведска и Финска во алијансата и активностите на Кина, за која Столтенберг во петокот рече дека „го зголемува своето присуство од Арктикот до Западен Балкан и се обидува да ја контролира важната инфраструктура на НАТО сојузници“.

Тема на состанокот ќе биде и зајакнувањето на помошта за Босна и Херцеговина, Грузија и Молдавија, „земји партнери кои на различни начини се соочуваат со руски притисок“, рече Столтенберг.

За време на дводневниот состанок ќе се одржат три состаноци на Северноатлантскиот совет, клучното тело на НАТО задолжено за донесување одлуки.

Заедно со министрите на членките на НАТО, на сите три средби ќе учествуваат и шефовите на дипломатиите на Шведска и Финска, земји чиј пристап во алијансата се очекува наскоро. Сите членки на НАТО го потпишаа протоколот за прием на Шведска и Финска, а само Унгарија и Турција не го ратификуваа.

По денешниот состанок на Северноатлантскиот совет ќе се одржи неформална работна вечера на која на министрите за надворешни работи на 30 членки на НАТО, Шведска и Финска, ќе им се придружи и министерот за надворешни работи на Украина Дмитро Кулеба.

Утре ќе се одржат два состаноци на Северноатлантскиот совет на НАТО. На вториот шеф на дипломатијата на членките на алијансата, Шведска и Финска, ќе им се придружат и министрите за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Грузија и Молдавија.

Пред почетокот на дводневниот состанок, Столтенберг денеска ќе одржи говор на форум организиран од романскиот огранок на Институтот Аспен и германскиот Маршалов фонд на САД со поддршка на НАТО, а потоа ќе има билатерална средба со шефот на американската дипломатија Ентони Блинкен.

На прес-конференцијата по повод средбата во Букурешт, Столтенберг во петокот во Брисел рече дека Алијансата ќе продолжи да дава силна поддршка на Украина за нејзината одбрана од руската агресија, бидејќи во случај на победа на Русија, целиот свет ќе плаќа висока цена со години.

По вчерашните одвоени средби во Букурешт со романскиот претседател и министер за надворешни работи, Клаус Јоханис и Богдан Ауреску, Столтенберг изјави дека НАТО го зголемува своето присуство од Балтикот до Црното Море и дека ќе направи се што е потребно за да ги заштити сите сојузници.

Екипа на ТВ21 е во Букурешт, известуваме во живо.