Османи во Софија, посебна средба со Захариева – Ковачев: Проблемот не може да го реши Вашингтон или Брисел

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за надворешни работи Бујар Османи веќе е на пат кон Софија. Тој таму отпатува директно од Париз каде што беше во официјална посета. Треба да има посебна средба со неговата колешка од Бугарија, Екатарина Захариева. Од неговиот кабинет за ТВ21 велат дека повеќе информации ќе има кога ќе се врати во Скопје. Истото го кажаа и од Владата.

„Инаку, знаете дека од претходно, усогласеноста на двата документа коишто ги доставија двете страни е во финална фаза, така што се очекува попрецизно по оваа средба околу идните чекори“, истакна Душко Арсовски.

Во меѓувреме, европратеникот од Бугарија, Андреј Ковачев во интервју за порталот зум.мк вели дека двете држави сами треба да го решаваат проблемот, а не да се чека некој друг тоа да го стори. Како што вели, тој сака Северна Македонија да биде пријател со Бугарија, како што нивната земја е пријателска со Германија, Австрија.

„Јас навистина жалам што Зоран Заев што мисли така. Навистина е тажно да сметаш дека некој во Берлин, Брисел или Вашингтон ќе изврши притисок врз твојот сосед, и ќе го заврши тоа што ти не си го завршил. Но, не да го заврши во врска со исполнувањето на Договорот за добрососедство, да ја прифатиш заедничката историја како заедничка историја на двата сегашни народи, а не како историја на Балканскиот полуостров, на Османлиската империја, на Европа или човештвото“, истакна Андреј Ковачев.

Специјалниот посредник во дијалогот Владо Бучковски пред неколку дена во интервју за „360 степени“ изјави првата шанса за деблокада на односите од страна на Бугарија ја гледа во мај или јуни месец, а доколку тогаш не биде ништо направено, тогаш втората шанса ќе биде декември месец, кога ќе завршат изборите и кај нас.