Македонскиот идентитет не е главниот проблем на Северна Македонија со Бугарија, изјави министерот за надворешни работи, Бујар Османи. Тој вели дека главниот проблем е прирачникот за практично спроведување на Договорот за добрососедство потпишан меѓу Скопје и Софија.
„Мислам дека главната тема не се прашањата за идентитетот, туку прирачникот кој ќе создаде предвидливост во спроведувањето на Договорот за добрососедство. Прирачникот за нас е прифатливо решение кое ќе ја понуди таа предвидливост. Разговаравме за тој акционен план во неколку наврати, но мислам дека е повеќе обврска на државите членки да кажат каде ќе го постават тој прирачник и дали ќе го бранат европскиот процес како таков“, посочи Бујар Османи.
Но, оваа изјава е поинаква од изјавите кои ги даде Владата на РСМ. Неколку пати по ред премиерот Зоран Заев истакна дека нема да преговараат за македонскиот идентитетот и јазик. За ова денеска зборуваше и вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров.
„Нашата позиција се темели на кристално јасен принцип – македонски народ, македонски јазик, тоа се прашања што се прашања за нас, за нашиот народ, еден интимен простор, внатрешно прашање и во меѓународните односи, во меѓународното право овие прашања не се предмет на признавање или непризнавање. Се признаваат држави, се признаваат влади, но ова е израз на сувереното право на самоопределување“, рече Димитров.
Димитров меѓу другото рече дека ЕУ повеќе од една година не била во состојба да ја спроведе својата одлука за почеток на преговорите со Северна Македонија. Инаку Македонија треба да изготви Патоказ кој ќе ги содржи барањата на бугарската декларација која беше усвоена од Парламентот во 2019. Димитров вели дека спроведувањето на Договорот за добрососедство може да се мониторира преку Договорот за Стабилизација и Асоцијација.
