Основните училишта и натаму без доволно учебници – учениците фотокопираат, министерството недостапно за коментар

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Поминаа 40 дена од почетокот на учебната година, а основците и натаму немаат доволно учебници. Освен тоа, многу од учебниците се оштетени. Наставниците велат дека ваквата состојба предизвикува проблеми во наставата и дека мораат да ги фотокопираат учебниците.

„По предметот Македонски и англиски јазик имавме проблеми, беа многу стари и оштетени и беа во мал број, учениците сами ги фотокопираа. Родителите сметаат дека децата секако мораат да имаат книги“, вели наставничка.

„Јас предавам математика за шесто и деветто одделение. Недостиг од книги има, сега за сега ги носат само работните тетратки а книги нема. Неколку ученици по желба на родителите ги фотокопираа, но има ученици кои немаат услови. Родителите постојано бараат да се набават учебници“, додава наставничка.

„Зависи, нашата паралелка е снабдена, сами си обезбедивме“, додава ученик.

„Ние ги фотокопиравме“, вели ученик.

„Да, има голем недостиг од учебници“, истакна ученичка.

-По кои предмети?

„Најмногу за англиски и германски јазик“, додава ученичката.

Се обидовме да го контактираме  МОН, но одговор не добивме.

Министерот Шаќири пред неколку дена во интервју за РСЕ упати јавен апел до наставниците, да се обратат до неговиот кабинет во врска со учебници.

„Јас како министер ви дадов информација на сите и на јавноста, ги поканувам сите наставници и просветни работници, да се обратат во мојот кабинет во врска со учебниците, заедно со Педагошката служба да ги разгледаме коментарите што ќе ги добиеме од нив, за содржината на учебниците и за другите проблеми. За старите учебници во основното образование сум ЗА  новиот концепт со цел да придонесеме за нивна замена, затоа инсистирам текстовите да бидат квалитетни“, вели Јетон Шаќири.

Но самиот министер изјави дека до почетокот на октомври учебниците ќе бидат подготвени.