Останува забраната за свадби и прослави – музичарите бараат враќање на настапите во живо

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Забраната за организирање прослави и музички настани останува да важи со новиот протокол за угостителските објекти. На ова реагираа македонските музичари кои велат дека ваквата одлука донесена од страна на Владата оди директно на штета на илјадници музичари и музички работници кои деновиве со борат со проблеми од егзистенцијална природа по затворањето или ограничувањето на можноста слободно да работат и заработуваат.

„Мерката комплетно ги закопува комплетно нашите надежи дека ќе донесеме леб дома. Ние сме сериозни луѓе од сите можни жанрови кои што не само што ние страдаме ккао професионалци, туку страдаат и нашите фамилии и деца. Феноменот на државата која што се декларира како патриотска и дека го штити својот народ, во ситуацијата доведува една цела каста на луѓе, професионални музичари кои мораат да си ги продаваат своите инструменти за да функционираат“, истакна Трајко Симоновски.

Со реакција се јавија и од Туристичко угостителската комора, од каде што велат дека голем дел од мерките и протоколите кои се донесени од страна на Владата не се спроведливи на терен.

„За нас е комплетно неприфатливо затоа што музичката програма е дел од угостителството, бидејќи освен тоа што нуди храна и услуга, нуди и анимирање на гостите. Значи сосема е неприфатливо да не може да се одржува никаква музичка програма“, посочи Мартин Ангеловски.

Од таму реагираат и на одлуката за забрана за организирање прослави, бидејќи како што велат, многу е побезбедно тие да се случуваат во угостителските објекти со запазување на протоколети, отколку да се случуваат по домовите.

Министерот за здравство Венко Филипче денеска остварил средба со Здружението на културните работници на која, како што рече се зборувало за организација на јавни настани, вклучувајќи ги и поголемите културно-забавни манифестации во услови на коронавирусот Ковид-19.

„Се договоривме утре нивниот предлог протокол го разгледа комисијата за заразни болести. Можам да кажам дека е доста солиден, дека апсолутно се придружуваат до принципите за заштита, превенција, маска, дистанца, по што ќе се донесе одлука. Има некои отворени теми кои треба да ги дискутираме, колку луѓе да бидат на отворен или затворен простор“, вели Венко Филипче.

Под посебни протоколи, угостителските објекти беа отворени на 28 мај.  Тие треба да ги исполнат протоколите и препораките за растојание, заштитна опрема и дезинфекција. На секоја маса ќе може да има по 4 лица, ќе мора да се носи опрема за лична заштита и да се обезбеди дезинфекција и на објектот и на гостите.