Серија напади од бугарска страна по вчерашната изјава на премиерот Мицкоски како и на повикот на бугарскиот амбасадор во земјава од страна на македонското МНР и врачување на протесна нота за нарекувањето на Мицкоски северномакедонски премиер. Од бугарското МНР не само што не се извинија за употребата на овој термин, обвинија дека македонските власти постојано ја напаѓаат Бугарија со навреди и дека тие нема да толерираат напади и, како што велат, намерно поткопување на односите меѓу двете земји.
„МНР на Бугарија категорично го осудува неприфатливиот и навредлив јазик што го употреби господин Христијан Мицкоски. Повторната употреба на вулгарни придавки кон претставниците на бугарската држава не само што ја поткопува веќе кревката доверба меѓу нашите две земји, туку ја доведува во прашање и автентичната посветеност на политичкото раководство во Македонија кон Договорот за пријателство како и кон декларираната желба за пристапување во ЕУ.“, велат од Бугарското МНР.

Во исто време и бугарскиот премиер Росен Жељасков со реакции и барање од Мицкоски да се извини.
„Наративот и изразувањето на премиерот Мицкоски ќе ги оставам на познавачите на Езоп. Нашата принципиелна позиција е дека Република Северна Македонија треба да се придржува кон постигнатиот консензус од 2022 година и да ги исполни преземените обврски која самата ги презела. Колегата Мицкоски треба да најде начин да се извини“, изјави Жељасков.

Премиерот Мицкоски вчера во својата реакција на бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев кој го нарече северно-македонски премиер истакна дека тоа е однос на глушецот и лавот.
„Тоа момче е пратен за да привлече мое внимание, мислам дека не треба да му дадеме можност и апелирам и до вас медиумите оставете го тоа момче таму. Тоа е Влада која што во позадина друг ја раководи тие луѓе треба да одработат и му рекле, му дале задача, ајде сега закачај се. Тоа е исто како кога глушецот го задева лавот.“, изјави Мицкоски.

Заострувањето на реториката меѓу Македонија и Бугарија порасна по отстранувањето на македонскиот идентитет и јазик во Извештајот на Европскиот парламент на барање на бугарските европратеници.
