„Оствари го сонот“ пред Собрание, Зибери бара крајна дестинација да биде Владата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Собранието на РСМ беше последната автобуска станица на “Оствари го сонот“, со кој ДУИ се движеше во оваа кампања барајќи го гласот за нивниот кандидат за премиер, Насер Зибери. Со него беше и лидерот на Интегративците Али Ахмети како и дел од кандидатите за пратеници.

„Да го оствариме овој сон. Сонот се остварува гласајќи за бројот 9 и нашата крајна дестинација, после зградата на демократијата, ќе биде владата, да ја завршиме нашата задача со масовно учество на 15 јули и сонот да го претвориме во реалност“, рече Зибери.

Лидерот на ДУИ, Ахмети рече дека идејата за премиер Албанец е за да се отстранат сите пречки за целосна рамноправност, но како што вели наиде на избрзани и необјасниви реакции.

„Да зборуваш без да мислиш е како да празниш пушка без да нишаниш. Ние мислевме долго време за овој чекор. Од реализацијата на оваа наша цел ќе добијат сите, така како што добија сите помали заедници со спроведувањето на Рамковниот договор“, изјави Ахмети.

Ахмети рече дека очекува сите, и македонската заедница, на овие избори да гласаат за бројот 9. Од друга страна и кандидатот за премиер вети дека ќе работи за интересот на сите граѓани, ќе ги брани нивните интереси без разлика на нивната припадност и потекло.