Пожар во станбена зграда во охридската населба Даљан предизвикал вознемиреност меѓу станарите, а осум лица побарале лекарска помош поради последиците од вдишување чад и здобиени повреди.
Инцидентот се случил во стан на улицата „Гоце Делчев“, по што на терен веднаш интервенирала Територијалната противпожарна единица Охрид.
Пожарникарите презеле активности за локализирање и гаснење на огнот, но и за безбедна евакуација на станарите од објектот.
По интервенцијата, осум лица биле транспортирани во Општата болница во Охрид, каде што им била укажана медицинска помош поради здобиените повреди и отежнатото дишење предизвикано од вдишување чад.
Од Територијалната противпожарна единица информираат дека благодарение на брзата реакција на пожарникарите била спречена поголема несреќа.
На повредените им посакале брзо закрепнување.
