Осветена црквата Свети Константин и Елена – Г.Г. Стефан: Со изградбата на овој храм се надминавме себе си

НАЈНОВИ ВЕСТИ

„После 13 години денеска официјално осветена црквата Свети Константин и Елена во срцето на метрополата. Од утринава голем број на граѓани и верници се собираа тука за да присуствуваат на свечениот чин на осветувањето и да се помолат во овој нов православен храм“, вели репортерката на ТВ21, Александра Филиповска.

Со ѕвонење на камбаната, утрово во 8:30 часот почна осветувањето на храмот.

Голем број граѓани, претставници од државниот врв, на дипломатскиот кор во земјава, сегашни и поранешни функционери, пратеници, претставници на политичките партии, на локалната самоуправа, стопанственици присуствуваа утринава на светата литургија и церемонијата на осветувањето.

Осветувањето го изврши поглаварот на МПЦ г.г. Стефан во сослужение на бројни архијереи од Македонската Православна Црква.

Поглаварот со порака – со изградбата на „Свети Константин и Елена“ се надминавме себе си.

„Овој нов молитвен дом нека биде уште еден сведок дека нашиот народ продолжува да биде црквоградител и дека Македонија продолжува да биде земја храм, земја манастир и земја крст“ – рече архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан.

Граѓаните задоволни што конечно храмот се возобновил.

„Преубава е црквата и многу ми е мило што после скоро 60 години повторно е возобновена. Моите баба и дедо иделе во Свети Константин и Елена која била на денешен ГТЦ. И сега после 60 години јас ја имам таа чест да влезам во таа црква“, рече граѓанин.

„Многу убаво, многу убава само Бог нека е со нас“, вели друг граѓанин.

„Многу е убава, најубава црква. Јас сум живеела во Ново мало кога беше старата Сети Константин и Елена таму, таму сум идела и затоа сега дојдов тука“, вели граѓанин.

На денешниот ден се осветува црквата Цар Константин Царица Елена. Нека им е честито и на градителите и на сите денеска кои ја осветуваат. Браво Македонци, да живее Македонија.

Изградбата на новиот храм кој го носи име на Св. Константин и Елена на централната градска улица „Македонија“ во Скопје почна во далечната 2012 година. Но поради потешкотии околу финансирањето храмот се градеше цели 13 години. Последниот повик на Македонската православна црква пред неколку години општествено одговорни личности да придонесат за довршување на овој значаен духовен и културен објект во центарот на главниот град вроди со плод. Од Скопската епархија за ТВ 21 кажаа дека има многу луѓе што помогнале да се доврши изградбата на овој православен храм, меѓу кои и познати бизнисмени.