Отфрлени приговорите на ВМРО-ДПМНЕ – Антикорупциска го препрати приговорот на Чулев до ДИК

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Антикорупциска го отфрли приговорот на ВМРО-ДПМНЕ во кој се бараше одговорност од  директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов затоа што овозможил, како што се наведува, партиски јавен настан на објект кој се гради од буџетски средства.

Според ВМРО-ДПМНЕ настанот се случил на 21 јуни при увид на работите на експресниот пат Штип – Кочани, а на кој присуствувале и лидерот на СДСМ Зоран Заев и генералниот секретар Љупчо Николовски.  Од Антикорупциска велат дека настанот се случил пред почетокот на изборната кампања и ќе го препратат до ДИК која е надлежна да оцени дали се работи за предвремена кампања.

„Се случил настан кој што е надвор од изборната кампања, но кој што наликува на промоција на одредена партија и коалиција ќе предложам овој приговор да го доставиме до Државната изборна комисија затоа што таа е надлежна да процени дали има елементи на изборна кампања“, истакна Софка Пејовска Дојчиновска. 

Од Комисијата го отфрлија и приговорот на министерот за внатрешни работи Наќе Чулев односно се прогласија за ненадлежни да постапува по одлуката на Владата која поништи решенија на  министерот Чулев. Се работи за разрешување на Амир Далипи и негово распоредување  дополнителен заменик началник и за именување на Гоце Јанкуловски за началник и двајцата во СВР Тетово.

„Државната комисија за спречување на корупцијата нема надлежност да постапува за настани кои што се случиле надвор од времето на изборната кампања поради што предлагам овој предмет да се затвори и да го доставиме до Државната изборна комисија која што е надлежна за натамошно постапување“, посочи Билјана Ивановска.

Антикорупциска отфрли и два приговори на дополнителната заменик министерка Невенка Стаменковска која бараше комисијата да изврши вонреден инспекциски надзор во Службата за општи и заеднички работи поради непочитување на законите и вршење притисоци врз вработени. Укажуваме барем државните функционери да ги упатуваат приговорите до надлежни институции, бидејќи Антикорупциска не е надлежна да врши инспекциски надзор, порачаа од комисијата.