Отишла на одмор на четири месеци, останала двојно повеќе – коронавирусот во Америка и искуствата од таму

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Отишла на одмор кај својата ќерка во Америка на 4 месеци, но поради корона вирусот остана двојно повеќе. По одложени десетина летови, пред два дена тетка Љубица од Чикаго се врати во своето родно место. Вели дека со новонастанатата ситуација со коронавирусот било затворено се, освен маркетите.

„Се испразнија и се затворија сите фирми, работеа само маркетите. Теретани, Фризерници, дуѓани, се затворија. Владееше паника, таму брашното се потроши, квасец немаше, квасец во Америка немаше да се купи.  Јас понекогаш им месев кифли, немаше квасец, па позајмувавме од нашите од дијаспората. Цените рипнаа, посебно на месото“, истакна Љубица Стефановска.

Немаше воведување на полициски час, но како што вели Тетка Љубица, граѓаните во Чикаго биле премногу свесни и ги почитувале препораките од надлежните.

„Луѓето многу почитуваа, немаше полициски час, но луѓето си почитуваа. Немаше народ по улица и тие што одеа, носеа маски. Во маркет не смееш да влезеш, нема да те примат без маска“, посочи Љубица Стефановска.

Стравот од невидливиот непријател бил присутен кај сите.

„Беа уплашени сите, а кој не би бил уплашен. Јас многу се плашев, затоа што таму еден тест е 250 долари, а за американците тесатото е бесплатен. Јас како странец, ако завршев во болница, кој знае колку пари ќе чинеше“, додаде Љубица Стефановска.

Корона вирусот го погоди и образованите, па часовите за учениците се одржуваа онлајн.Тетка Љубица вели дека животот во Чикаго почнува полека но етапно да се нормализира последните неколку дена. Почнале да работат градинките, теретаните, кафулињата, но сите со строго почитување на мерките од страна на надлежните институции. Пред неколку дена конечно успеала да се врати во својата родна земја.

„Многу е убаво чувството. Мене ми недостасува овој живот без разлика каков е. Америка е предизвик за младите, ако се снајдат. За нас нема живот таму, ја треба да бидам на грб на керка ми“, изјави Љубица Стефановска.

Правејќи паралела Чикаго-Скопје, тетка Љубица смета дека овде луѓето се помалку свесни за вирусот.

„Имам постара сестра 70 години, таа е буквално уплашена и таа никаде не излегува. А мајсторите што дојдоа кај мене, ниту еден не носи маска. Овдека гледам дека не веруваат многу во короаната, веруваат во некоја 5г мрежа, јас не верувам во таа мрежа. Ова е вирус, од каде и како дошол не знам, но сепак е вирус и смртоносен е и страшен е“, вели Љубица Стефановска.

Тетка Љубица носи маска и ги почитува мерките. Истото им го порачува и на другите граѓани во државата.

„Почитувам мерки, маска носам во продавница, автобус па дури и во град каде што има гужва. Препорачувам секој да носи маска, да држи дистанца, затоа што постои вирусот и смртоносен“, порача Љубица Стефановска.

Во Чикаго тетка Љубица ја остави својата ќерка и зет со двете внучиња. Нивната наредна срдба ќе зависи од непозната болест на новото време. Америка е земја со најголем број на инфицирани но и на починати. Заразените се бројат во милиони. И покрај напорите на администрацијата на Трамп и строгите мерки, бројот никако да се намали.