Отпадни води минуваат низ Арачиново – жителите се жалат на лоша миризба, властите ветуваат решение

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

„Сега се спомнува вода…70 години нема вода…70 години нема каналзиација“..

Заев: Еве градиме.

Ова ветување им беше дадено на жителите на Арачиново од екс премиерот Зоран Заев пред 4 години кога започнаа работите за поставување канализација. До ден денешен оваа канализација не е направена. Како што соопшти градоначалникот на Арачиново, Ридван Ибрахими, завршена е само првата фаза а другата фаза не. Во Арачиново има уште еден отворен канал низ кој минуваат отпадните води од повеќе зони, како индустриската зона Илинден, општина Гази Баба и Петровец. Од овој канал се шири лоша миризба и е преполн со ѓубре.

„Вака остана. Не се работи како што треба, кој знае…“

-Ви смета миризбата вам?

„Како не ни смета. Ова требаше одамна да се среди а не сега“.

-Имате ли надеж дека ќе се среди еднаш засекогаш?

„Тешко со овој народ, многу е тешко. Ги земаат парите, почнуваат со работа, и по десет дена оставаат. Одат на друго место и пак се враќаат тука“.

„Многу лошо мириса. Со децата имаме проблеми, со астма, со старите луѓе….многу смета. Но владата ја запостави општина Арачиново и не се инвестира тука, нема, нула“.

А за таа цел денеска надзор на работите вршат министерот за животна средина Изет Меџити и градоначалникот на Арачиново Ридван Ибрахими. Како што соопшти Меџити, Министерството за овој канал издвоило 64 милиони денари, средства обезбедени за делот од мостот на регионалниот пат Скопје-Куманово, во должина од околу 300 метри. Се очекува работите да завршат во јуни следната година.

„Сметаме дека оваа интервенција во голема мера ќе придонесе за заштита на населението од поплави и за подобрување на условите за живот на населението, особено поради тоа што каналот што минува низ општина Арачиново има  висок ризик од поплави. Утврдено е дека таму завршиле значителни количини отпад од пластични шишиња и друга амбалажа“, вели Изет Меџити.

За овој проект, градоначалникот на Арачиново, Ридван Ибрахими, повеќе заслуги му даде на поранешниот министер за животна средина, Насер Нуредини, кој дојде од редовите на ДУИ.

„Всушност, работите почнаа на почетокот на 2023 година и Министерството за животна средина ги обезбеди потребните средства. Тогашниот министер Насер Нуредини беше упорен за овој многу важен проект за нашата држава“, порача Ридван Ибрахими.

Ибрахими се жали од Владата дека го запоставиле Арачиново и ваквите елементарни проекти, не им даваат важност како што треба.

„Општина како што е Арачиново, која е предградие на главниот град, до ден денес се соочува со недостиг на вода и недостиг од канализација. Упатувам итен повик до Владата да одвои средства за ова, бидејќи тоа се елементарни работи. Овде не бараме паркови или што знам, рингишпил“, вели Ридван Ибрахими.

Ибрахими побара од Меџити дека најдоброто решение би било овој канал за отпадни води да завршува во прочистителната станица која започна да се гради во Трубарево а од Арачиново е оддалечено само 5 км воздушна линија.