Само во текот на 2022 година преку проектот за самовработување се вработиле 2002 лица. Вака вели директорот на Агенцијата за вработување Беким Мурати, додавајќи дека со помошта од 5.000 евра што ги добиваат младите, бизнисите што ги отвораат опстојуваат на пазарот, па дури и се развиваат.
„Во текот на 2022 година искористиле средства од оваа мерка за самовработување, односно се основани 1666 претпријатија. Можам да кажам дека над 98% од претпријатијата се резултат на моменталните грантови, опстојуваат и продолжуваат да се развиваат“, порача Беким Мурати.
Мурати додава дека само во 2022 година преку разните мерки кои ги нуди Агенцијата за вработување се опфатени околу 12 илјади лица. Во правец на поддршката на младите, Мурати вели дека Северна Македонија е единствената држава во регионот која нуди Гаранција за младите, мерка која помага тие да најдат работа.
„Што се однесува до унапредувањето на младите, односно можностите што ги нуди Северна Македонија, таа е единствената земја која не е членка на ЕУ а ја спроведува мерката гаранција за младите. Гаранција за младите значи дека секој млад до 29 години кој ќе се појави во Агенцијата за вработување, во рок од 4 месеци Агенцијата му нуди конкретна работа или некоја од мерките кои ги спроведува Агенцијата за вработување“, додава Беким Мурати.
Инаку поради големата заинтересираност, годишниот буџет за проектот за самовработување преку грантови ќе биде повисок околу 3 милиони евра од минатогодишниот буџет.