Отворена порака од Урсула фон дер Лејен: Очекувам партиите да ги поддржат уставните измени за патот кон ЕУ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Јасна поддршка од претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен за продолжување на евроинтегративниот процес иако Македонија застана на самиот почеток на процесот на уставните измени. Таа поддршката ја пренесе на својот твитер профил откако вчера имаше средба со премиерот Димитар Ковачевски по неформалната средба на лидерите од Западен Балкан во Атина.

Добра размена на мислења со премиерот Димитар Ковачевски. Го поздравувам поднесувањето на уставните амандмани од неговата влада во парламентот. Се надевам дека сите партии ќе го поддржат за да се продолжи придвижувањето на Северна Македонија на европскиот пат. Северна Македонија припаѓа во ЕУ“, вели Урсула фон дер Лејен.

Повеќе детали од средбата со фон дер Лејен изнесе премиерот Ковачевски во интервјуто за МИА во кое истакна дека најпрво разговарале токму за уставните измени.

„Изразивме и двајцата задоволство што процесот започна, процесот започна успешно и се надевам, исто како што Европската унија се надева, дека во нашето Собранието ќе има визија и ќе има храброст пратениците да донесат една важна одлука која што се однесува на продолжување на европската интеграција на Северна Македонија во Европската унија“, додаде Димитар Ковачевски.

Ковачевски не пропушти да го искритикува претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој во една прилика рече дека за членство во ЕУ е подготвен да чека 10, 20 па и 30 години.

„И гледате дека кај нас се уште има политичари, како што имаше и во минатото, во однос на тоа дека не треба да се носи таква одлука и дека требало да се чека, па дури и лидерот на опозицијата ќе изјави дека тој е спремен да чека 10 и 20 и така натаму години. Најдобра потврда како изгледа чекање и седење во чекална е токму овој состанок овде. Бидејќи солунскиот состанок се одржа пред точно 20 години“, рече Димитар Ковачевски.

И додека траеше средбата на Ковачевски со Фон дер Лејен ВМРО-ДПМНЕ вчера одржа Извршен комитет каде беа донесени заклучоци кои се однесуваат токму на процесот на уставните измени. Потпретседателот Александар Николоски во летното издание на Клик плус на ТВ21 рече дека бараат уставните измени да се стават на гласање, а доколку не се донесат да се оди на избори.

„Прво беше благодарност до пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата затоа што сите пратеници останаа доследни и истрајни на ставот кој што заеднички го донесовме а тоа е дека не можеме да прифатиме уставни измени и тоа беше потврдено во петокот при изгласувањето на дневниот ред. Втората работа која што ја побаравме е да не се одлага гласањето за уставните измени, односно веднаш да се стави во Собрание и да не се одлага овој процес“, вели Александар Николоски.

 Гласањето на уставните измени беше одложено во петокот, кога претседателот на Собранието Талат Џафери поради немањето мнозинство за нивно донесување ја прекина седницата.