Од денеска па се до 24 ноември, во организација на Мрежата на медиумска писменост, по седми пат ќе се одржат Деновите на медиумска писменост 2025. Членките на Мрежата и нивни поддржувачи, ќе организираат повеќе од дваесетина настани на различни локации низ целата држава, а некои настани ќе се одржат и онлајн. На овој начин нашата земја се приклучува кон Глобалната недела на медиумска и информациска писменост на УНЕСКО.
На денешната Конференција за медиумска писменост 2025 ЕУ – Западен Балкан, во организација на Делегацијата на Европската Унија“ директорот на АВМУ д-р Зоран Трајчевски, посочи дека „oваа година, под мотото: „Ти знаеш, друг не знае. Твојот коментар може да помогне“ на Деновите на медиумска писменост, се фокусираме на критичкото размислување и на личната одговорност во дигиталниот простор. Затоа што денес, повеќе од кога било, не е доволно само да препознаеме дезинформација — потребно е да реагираме, да споделиме знаење, да бидеме активни граѓани“.
Конференцијата е носечки регионален настан на Европската служба за надворешно дејствување во областа на медиумската писменост, а оваа година конференцијата во Скопје го означува и почетокот на Деновите на медиумска писменост. Амбасадорот на ЕУ во земјава, Н.Е. Михалис Рокас, истакна дека во динамична медиумска средина, во којашто социјалните медиуми, вештачката интелигенција и странското манипулирање со информации и влијание го преобликуваат начинот на кој граѓаните им пристапуваат и ги интерпретираат информациите, неопходно е да се вложат напори во зајакнување на колективниот одговор кон дезинформациите и влијанието на малициозни актери.
„Медиумската писменост е една од најсилните алатки што ги имаме за да ги заштитиме општествата. Кога луѓето можат да препознаат лажна содржина, да ги преиспитаат содржините кои ги сретнуваат на интернет и да бараат доверливи информации, тие стануваат активни чувари на демократијата. Ова, меѓу другото, е и една од причините зад „Европскиот штит за демократија“, иницијатива на ЕУ која ја зајакнува нашата заедничка подготвеност да се спротивставиме на манипулативни информации и да изградиме колективна отпорност, потенцираше амбасадорот Рокас.
Во фокусот на Конференцијата се повеќе теми меѓу кои – платформите на социјалните медиуми како дел од проблемот и од решението за надворешна манипулација и дезинформирање; родовите дезинформации и дигиталната омраза; важноста на институционалниот одговор на заканите од надворешна манипулација и дезинформирање; вештачката интелигенција надвор од чет-ботовите: суверенитет, градење капацитети за вистината; следната генерација и платформите: навигација низ ризици и можности.
За потребите на Деновите за медиумска писменост 2025 изработени се видео и аудио спот на македонски, албански и англиски јазик. Спотовите веќе се емитуваат на медиумите со цел поголем број граѓани да се информираат за настаните за медиумска писменост. Оваа година спотовите за Деновите на медиумска писменост ќе се постават и на неколку локации на видеобимови во градот Скопје.
Повеќе информации за настаните што ќе се одржуваат во живо или онлајн и за медиумските содржини кои ќе се прикажуваат во рамките на Деновите, може да се најдат на веб – страниците mediumskapismenost.mk и avmu.mk, како и на Facebook, Instagram и Youtube каналот на Мрежата за медиумска писменост.
