На почетокот на оваа недела, во понеделникот н а 1 ноември, Арјанит Хоџа од Движење Беса по средбата со премиерот Заев рече дека оваа влада треба да продолжи и да го заврши мандатот добиен во 2020. Тој, како и другите коалициони партнери, го охрабруваше Заев да не се повлекува, бидејќи како што рече, предвремени избори уште повеќе би предизвикале компликации од економски, социјален, здравствен и безбедносен аспект.
„Целта на средбата беше да се покаже уште еднаш нашата позиција дека продолжуваме силно да бидеме дел од поддршката на ова владино мнозинство. Нормално на средбата се согласивме дека во оваа состојба, во оваа политичка позиција во која се наоѓа државата, предвремени избори евентуално уште повеќе би предизвикале компликации од економски, социјален, здравствен и безбедносен аспект. Главната цел беше уште еднаш да се потврди евроатлантската цел на земјава за да се потврди дека евроинтегративните процеси треба да продолжат. Оваа влада го доби мандатот за да ги продолжи овие процеси кои треба да ги истера до крај“, рече Хоџа.
Но по одлуката на ДИК за прегласување во Желино, општина која ја доби Беса, во петокот на 5 ноември, Хоџа пред медиумите рече дека ДУИ манипулира со изборниот резултат и дека неговата партија дискутира за излегување од влада. Тој дури рече дека нема да биде министер во овој владин кабинет.
„Јас за себе, тргнувајќи од мојот личен интегритет, јас, дури и да одлучи партијата да продолжи да биде дел од владата, јас нема да бидам министер во оваа влада, и ова е изјава од која не планирам да се повлечам.“, изјави Хоџа.
Тој ден доцна вечерта, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски објави фотографија на Фејсбук каде на маса е заедно со претставници на Беса, АА, Алтернатива и Левица, со што објави дека ја обезбедил потребната бројка за уривање на владата.
